Македонија
2. September 2019 - 18:09

Во штипско пожарникарите и граѓаните заедно се бореа со пожар кој им се закани на населените места

Цела ноќ и претпладне 30-тина пожарникари од Штип, Пробиштип и Кочани го гаснеа пожарот кој беснееше во атарите на селата Горни Балван, Крупиште и Пишица. Пламените јазици се заканија дека ќе се прошират и во самите населени места. Мештаните и лицата кои имаат викендици стравуваа за нивните имоти, па во текот на вечерта останаа на лице место за да им помогнат на дежурните пожарникари на пунктовите во селата.

- Многу голем пожар е. Ветерот е лош, наваму дува и може да го фати и Долни Балван и Долно Трогерци. Моравме да дојдеме, да видиме што е работата, да обезбедиме - изјави Тодор Цанев, с. Горни Балван, општина Карбинци

Гореше сува трева и ниско стеблести растенија. Потешкотија претставуваше непристапноста на теренот и неможноста противпожарните возила да интервенираат со водените топови. Предизвиканата штета е повеќе од еколошки, отколку од материјален карактер.

- Треба сите да се освестат дека не се пали во летниот период. Наместо да се заштити оваа природа, сега е уништена. Мислам дека после 10 години ова ќе се оправи- изјави жител на селото

Од противпожарната единица во Штип информираа дека во текот на пладневните часови пожарот е ставен под контрола. Се уште не може со сигурност да се каже колкава површина е опожарена, но според интензитетот и времетраењето, се претпоставува дека се изгорени 10-тици хектари.