Македонија
4. February 2016 - 14:40

Во штипско Ново Село ќе се реконструираат старите куќи

Во старата населба Ново Село во Штип годинава ќе се реконструира улицата „Мерите“, која се наоѓа над бањата Кежовица, а општинската администрација од Одделението за јавни набавки ќе му помага на Музеј на град Штип да се распише успешна јавна набавка за реконструкција на Личковата куќа, која е во автентичен македонски стил, најави денеска штипскиот градоначалник Илчо Захариев.

- За четирите куќи во Ново Село кои општината ги доби како донација од кардиохирургот Жан Митрев веќе имаме обезбедено средства да се направи проект за нивна реконструкција. Тоа се доста пари и мислам дека тој проект ќе биде реализиран, а потоа со меѓународни средства ќе гледаме да ги реновираме. Во тој дел сакаме да имаме и музејски поставки. Сакаме да направиме еден Музеј на Евреите во нашиот град и сакаме тоа да биде навистина убаво и пријатно место, рече Захариев.

Тој додаде дека и коритото на реката Брегалница, кое поминува низ населбите Ново Село и 8 Ноември ќе биде уредено, како што е сега примерот со коритото на реката Отиња, со што граѓаните на Штип ќе добијат убави шеталишта покрај двете реки.