Македонија
20. August 2018 - 15:33

Во штипските училишта ќе учат 397 првачиња

Штипските основни училишта и оваа година ќе имаат помал број на запишани првачиња од предвидените бројки. Најмал број на првачиња до денеска се запишани во Општинското Основно училиште „Гоце Делчев“, каде што засега наместо три ќе се формираат две паралелки, бидејќи има запишано само 44 првачиња во централното училиште, вели директорот, Трајче Димов.

- Планот за оформување на пралелки за успешна реализација на годината ние мораме да го направиме до 20 август. Тоа значи дека ние ќе оформиме две паралелки. Според бројот на запишани дечиња некаде се по половина, 21 се Македончиња, а останатите се ромчиња. Овие две паралелки ќе бидат мултиетнички, мешани. Значи по десетина македончиња и десетина ромчиња. Меѓутоа проблем ќе биде третата паралелка, доколку се оформи и по искуството што го имаме од минатите години дечињата, кои ќе дојдат во септември, па и октомври се дечиња од ромска националност и ќе дојде до формирање на трета паралелка, вели Димов.

Тој додава дека секоја година има родители кои се сезонски работници да ги запишуваат своите деца на почетокот на годината. Но, наспроти ова училиште директорот на Општинското Основно училиште „Ванчо Прќе“, Методи Папаров вели дека според бројот на запишани деца, тие пак бараат да се формира дополнително уште една паралелка, сега имаат пет, а се очекува и формирање на шестта паралелка, доколку им се одобри од ресорното министерство.

- Подготовките за прием на првачињата се во завршна фаза, вкупниот број на запипани првачиња оваа година се околу 136 деца, со тенденција да се зголемува. Планираме првачињата да ги запишеме во пет паралелки, бидејќи е голем број на ученици очекуваме од министерството едно ново финансирање за уште еден наставник, вели Папаров. 

Директорот на ООУ „Димитар Влахов“, Миле Младеновиќ вели дека годинава имаат запишано 107 првачиња, а ќе бидат сместени во вкупно пет паралелки. Во ООУ „Тошо Арсов“ за учебната 2018-2019 година запишани се 78 првачиња и ќе бидат формирани вкупно три паралелки, а во најмалото училиште „Славејко Арсов“ во штипската населба Баби оваа година ќе учат вкупно 32 ученика во прво одделение.