Македонија
14. May 2018 - 14:52

Во Штип трибина „Дискриминација: Како да ја препознаеме и што потоа?“

Жените се најчесто дискриминирани. Дискриминацијата ја трпат во семејството и на работните места, покажаа анализите на невладиниот сектор, кои денеска беа презентирани на трибината „Дискриминација: Како да ја препознаеме и што потоа?“  во Штип, во организација на НВО „Ехо“-Штип, ХЕРА и со поддршка на Цивика Мобилитас.

Бети Пеева од НВО „Ехо“ - Штип вели дека во источниот регион жените најчесто се дискриминирани во делот на работничките права.

- Се забележува прекршување на работничките права во поглед на работното време, на правото на годишен одмор на работниците и многу значајна како родова дискриминација е и прекинување на работниот однос поради бременост на работничките, вели Пеева.

Елена Петревска од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, вели дека се почеста е и сексуалната дискриминација. Таа забележува дека ЛГБТ заедницата се уште е невидлива за заедницата, но и за законите.

- Сексуалната ориентација се уште не е вметната како основ за дискриминација во законските решенија. Секако дека има начини механизми во овој дел, а овде сме со цел и да ги претставиме, вели Петровска.

Снежана Санева од Координативното тело за дискриминација на Општина Штип забележа дека граѓаните ја препознаваат дискриминацијата, но се плашат да ја пријават. До нив има пристигнато една претставка од работничка, која поради тоа што била бремена добила отказно решение, но го изгубила спорот, бидејќи била вработена на определено време.