Македонија
3. јуни 2021 - 12:24

Во Штип стартуваше реконструкција на инфективното одделение

Започна долго најавуваната реконструкција на инфективното одделение при штипската клиничка болница. Првата фаза од проектот предвидува екстериерно уредување на фасадата, која ќе биде енергетски ефикасна и замена на надворешната столарија, за што се обезбедни грант средства од ЕУ од програмата за прекугранична соработка, во висина од 165 000 евра.

-За среќа дојде до поповолна епидемиолошка слика во државата и сега созреаа условите да започне проектот. Очекуваме дека за околу 2 до 2 и пол месеци најдоцна ќе заврши целокупната реконструкција што е планирана- изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница Штип.

Клиничка болница со сопствени средства ќе инсталира централен довод на кислород, а додека траат градежните работи Kовид пациентите ќе бидат сместувани во модуларната болница, која е со капацитет од 48 легла.

-Доколку во наредните два месеци се јави потреба за зголемен ангажман, информирани се и директорите на околните болници во Кочани, Велес и Струмица, кои по потреба ќе ги апсорбираат зголемениот број на пациенти или ако евентуално има и поголема потреба, дел од нашите други капацитети кои што беа користени во изминатиот период, додека траеше ова корона криза, одделот за кожни болести, за кардиологија, за интерни болести, ќе пренамениме нови кревети за да им излеземе во пресрет, додаде Георгијев.

Пациентите со други инфективни болести ќе се лекуваат на одделението за дермато-венерологија. Во моментот на лекување во модуларна се 10 Ковид пациенти, а половината од нив се на повремена кислородна поддршка.