Македонија
13. September 2017 - 20:32

Во Штип се е подготвено за „Пастрмајлијадата“

Финални подготовки за овогодинашната „Пастрмалијада“ во Штип, која официјално стартува во петок, во 19 часот, со сечење на традиционалната џиновска пастрмајлија.  Во тек е поставувањето на главната сцена на која ќе настапат бројни музички имиња од земјава и регионот и кои заедно со штипскиот кулинарски бренд, според проценките на организаторите, ќе привлечат над 200 000 посетители на 3-те дена колку што ќе трае манифестацијата.

- Очекуваме дека утре ќе бидат поставени и штандовите на угостителите, со што ќе започне и изменетиот режим на сообраќај на овој простор-изјави Кирил Панајотов, организатор ЛС-Штип

Пастрмалијадата ќе се одржи наспроти градскиот стадион, на Дујлето. Ќе бидат ослободени сите достапни паркинг места во посредна и непосредна близина и истите нема да се наплатуваат.

- СВР и сообраќајната полиција имаат добра шема, која се покажа како точна и прецизна и минатата година, бидејќи лани немавме никаков проблем со паркирањето, пто значи дека одлично беше решено-изјави Драган Ристов, портпарол на ЛС-Штип.

Посетителите ќе можат да го вкусат на далеку прочуениот штипски специјалитет на 35 угостителски штандови, кој ќе се приготвува по унифициран рецепт и ќе чини 120 денари. За целата логистика локалната самоуправа од општинска каса ќе издвои 2 милиони денари.