Македонија
3. December 2018 - 23:14

Во Штип само едно семејство пројавило интерес за згрижување дете

За 5 месеци, откако стартуваше кампањата „На секое дете му е потребно семејство“, на Министерството за труд и социјала и УНИЦЕФ, само едно потенцијално семејство од двете општини Штип и Карбинци, пројавило интерес за згрижување. Формата на згрижувачко семејство е најадекватна за повеќе категории лица, посебно за деца со посебни потреби, но засега одзивот е многу слаб, иако заинтересираните субјекти треба само да се пријават во Центарот за социјални работи.

-По нивното тестирање, следи обука која трае од 30 до 60 дена, што ќе ја спроведе стручен едуциран тим од Центарот за социјална работа, по програма изготвена од Заводот за социјални дејности-изјави директорот на Центарот за социјални работи, Штип.

Хуманите семејства ќе добиваат месечен надомест за трошоците на згриженото лице и за згрижувачот.

-Најмалиот износ е некаде околу 9000 денари, меѓутоа зависи од возраста и категоријата на лицето кое што ќе биде згрижено-додаде

Децата или лицата кои ќе бидат згрижени ќе имаат 24 часовен мониторинг од стручниот тим на Центарот за социјални работи. Досегашната пракса покажала дека во Штип имало само роднински згрижувачки семејства.