Македонија
21. March 2016 - 15:23

Во Штип, Радовиш и Пробиштип минатата година десетмина заболени од туберкулоза

Во Центарот за јавно здравје - Штип во текот на минатата година евидентирани се десет лица заболени од туберколоза, од кои по тројца од Штип и од Пробиштип, а четворица од Радовиш.

Ова денеска го соопшти директорот на Центарот за јавно здравје - Штип, Велик Грков, кој рече дека пациентите од Штип се на возраст од 30 до 49 години, од кои еден маж и две жени. 

Според него, не може да се каже дека има зголемување на бројот на лица заболени од туберколоза, бидејќи секоја година се регистрираат по неколку случаи.

- Навистина болеста туберколоза се смета за болест на сиромаштијата, меѓутоа заболените може и да не биле вакцинирани. Има вакцина за туберколоза, па и ревакцина во поодминати години. Туберколозата се лекува, времетраењето е подолго и со комбинација од повеќе лекови. Заболениот ако се излечи, тој создава имунитет, но имунитетот трае како и секое друго заболување, значи не доживотно, рече Грков.

Тој укажа на препораката од страна на епидемиолозите, а таа е членовите на  семејствата каде што веќе има болен од туберколоза да се вакцинират, задолжително и да се одржува хигиена за да не дојде до инфекција.