Македонија
22. February 2019 - 15:45

Во Штип работилница на тема „Пренесување на личните имиња во официјалните документи“

Преведувачи, толкувачи, наставници и студенти денеска беа дел од работилницата на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип на која дебатираа и изнаоѓаa решение за пренесувањето на личните имиња во официјалните документи.

Деканот на Филилошкиот факултет, Драгана Кумзмановска истакна дека работилницата ја организира Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија, а темата е актуелна и важна за филолозите.

– Една актуелна тема, што неколку години наназад се провлекува и за која немаме некој официјален став од ниту едно здружение, ниту од една издавачка куќа, ниту е озаконето. Ние како Филиолошки факултет и Здружението на преведувачи и толкувачи ќе се обидеме да изнајдеме едно заедничко решение, кое би можеле да го предложиме и пред лицето на законот да го официјализираме, односно на законски начин да го легализираме, вели Кузмановска.

Универзитетскиот професор Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков-Мисирков“- Скопје појаснува дека секој македонски граѓанин е засегнат како во личните документи ќе му биде напишано името.

– Познато е дека од 2008 година имаме биометриски исправи, патни исправи и со тоа веќе нашите имиња покрај тоа што треба да бидат напишани со кирилско писмо, треба да бидат напишани и да имаат латинична форма. Што се случува, односно дали е тоа само јазичен проблем или е тоа законски, правен проблем или е од се помалку, ние всушност денеска ќе дискутираме. Мислам дека на крајот ќе се донесе решение, што да речеме оди во насока дека ќе бидат задоволени сите страни, вели Тантуровска.

Радомир Трајковиќ од  Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија, вели дека во здружението имаат 80 членови, кои се од различни профили. Целта им е да се воведат професионални стандарди во дејноста преведување.

– Тоа значи да се создадат, отворат можности за самите преведувачи да можат континуирано да се усовршуваат, бидејќи не е доволно само да се заврши факултет и со излегување од студентските клупи сте завршиле со своето усовршување, туку напротив, пред се јазикот е жива материја, постојано се менува и потребно е стручна надградба, вели Трајковиќ.