Македонија
7. December 2016 - 17:48

Во Штип презентирани резултатите од истражувањето на Алијанса за регионален развој

Северо-источниот регион останува најнеразвиен регион во земјава, а Источниот, односно Брегалничкиот регион се развива благодарение на отварањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, изградбата на автопатот Штип-Скопје и отварњето на новите фабрики во ТИР-зоните, покажуваат резултатите од Центарот за стратегиски истражувања и документација ФОРУМ, спроведени од тимот на Алијанса за регионален развој.

Слаѓан Пенев координатор на проектот Алијанса за регионален развој, вели дека градоначалниците од Источно-планскиот регион и Центарот за развој на Источно-планскиот регион работат на изнаоѓање средства за реализација на проекти од регионален карактер.

- Центарот за развој на Источно-планскиот регион е еден од најдобрите, од сите осум центри источниот најдобро работи, најмногу пари успеа да привлече не само од тие пари што министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој ги доделува, туку и преку самостојни иницијативи, преку меѓуграничните соработки преку ЕУ и преку други донатори доаѓа до средства за проекти, вели Пенев.

Тој истакна дека   истражувањата покажуваат дека во изминатите осум години ниту еднаш средствата за рамномерен регионален развој не стигнале до општините, односно регионите не добиле средства повеќе од 0,03 % од Бруто домашниот производ. Осумте плански региони, вели, треба годишно да добиваат барем 90 милиони евра за развој согласно законската регулатива, а коишто треба да се распоредат според развиеноста на регионите. Истокот, и покрај тоа што има напредок во развиеноста, сепак опаѓа бројот на населението. Пенев вели дека според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во источниот регион околу 300 луѓе повеќе умираат отколку што се раѓаат.

Поранешниот министер за локална самоупрва Ризван Сулејмани забележа дека градоначалниците и Центарот за развој на источно-планскиот регион се највредните во изнаоѓање на средства за реализација на проекти. Но, според него, во наредниот период треба да продолжи децентрализацијата, а градоначалниците да бидат вистински менаџери, а не лидери на општините.