Македонија
15. July 2015 - 14:01

Во Штип почна реконструкцијата на Центарот за социјални работи

Почна реконструкцијата на Центарот за социјални работи во Штип. По тој повод денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов присуствуваше на почетокот на градежните работи. Тој истакна дека објектот на штипскиот Центар за социјлни работи е изграден во далечната 1949 година и дека несомнено е потребна реконструкција.

- Средства обезбедивме преку Светска банка  и веќе денеска започнуваме со градежните активности и очекуваме до почетокот на септември овој објект да добие сосема нов, друг модерен изглед. со нова опрема, значително подобар изглед и подобра функција.  Сосема нови, модерни и квалитетни простории во кои што граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите права и услуги. Меѓутоа,  и вработените да имаат значително поквалитетни услови за работа, рече Спасов.

Реконструкцијата на штипскиот Центар за социјални работи е дел од втората фаза на Министерството за труд и социјална политика, а во постпка се уште неколку објекти низ земјва. Во Прилеп, Битола и Охрид градежните работи се во, како што вели Спасов, во некоја средна фаза од реконструкцијата, а би завршиле во септември.

- Градежните работи се завршени во Крушево и Демир Хисар, а денеска почнуваат градежните работи за реновирање и во Гевгелија, За оовој објект во Штип издвоени се седум милиони денари за сосема негова реконструкција, сосема нова енергетска фасада, нов систем за греење, видео надзор, рече Спасов.

Министерот за труд и социјална политика најави дека наскоро ќе почне и третата фаза за реконструкција на објектите на Центрите за социјални работи во земјава, а во кои ќе бидат опфатени вкупно 18 центри,  а средствата се обезбеди преку ИПА програмата.

Спасов вели дека во завршна фаза е и Центарот за деца со аутизам во Штип, а наскоро ќе почне и реконструкцијата на 12 Центри за вработување во државата, меѓу кои и штипскиот Центар за вработување.