Во Штип почна одбележувањето на празникот Свети Никола
Професорот по неврологија и невропсихијатрија доктор Илија Џонов го доби орденот „Свети Никола“ највиското одликување, кое го доделува Општина Штип, по повод патрониот празник на градот 19-ти Декември „Свети Никола“.
Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев, претседателот на Советот на Општина Штип, Влатко Миташев и Митрополитот на Брегалничката епархија г.Иларион синоќа на свечената академија во црквата „Свети Никола“ во Штип ги доделија највисоките признанија по повод празникот „Свети Никола“.
Џонов истакна дека добитник е на други награди, но наградата која доаѓа од неговиот роден град има посебно и големо значење од емотивен аспект.
- Посебно ми мило што орденот Свети Никола го добив во црквата Свети Никола, бидејќи живеев на само 50 метри од црквата и практично детството го поминав тука. Мојата сопруга често пати вели, кога се доближувам накај Штип, моето тело и срце веднаш почнува да трепери. Јас живеам во Скопје, но Штип е мојот град и со него имам посебна врска и секое доаѓање овде е посебно искуство за мене и своевидно доживување, вели Џонов.
Претседателот на Советот на Општина Штип, Влатко Миташев истакна дека орденот „Свети Никола“ оди во вистински раце, бидејќи Џонов дал огромен придонес во неговата професија, но и за градот Штип.
Сашо Миладинов сопственик на Модната конфекција (МК) Алабатрос, Ване Богдов сопственик на МК Вабои, Мите Николов сопственик на фабриката за масло „Брилијант“, Лазо Спасов, потоа универзитетскиот професор Баже Китанов, Марија Максимова музички уметник и Александар Југов од фондацијата Лер-ИТ при Општина Штип ги добија признанијата 19-ти декември.
Во своето обраќање, градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев напомена дека изборот на доботниците покажува дека станува збор за луѓе кои направиле добри дела за својот град.
- Наши тројца бизнисмени покажаа како се сака својот град и како се гради и чува нашата вера, оставајќи зад себе храмови кои на генерации ќе им сведочат за нивните добри дела но и ќе ја зацврстуваат нашата православна вера. Спасов, го запознав пред неколку години и уште тогаш сфатив дека го сака Штип многу, и како резултат на тоа имавме соработка која придонесе да се асфалтираат сите влезови во Штип. Максимова не е само музички уметник, туку инспирација за многу млади кои ги учат тајните на пијаното, професорот Китанов ни подари многу литературни дела и Југов кој на 45 степени во текот на летото беше оној под чиј надзор се реализираше коритот на река Отиња, рече Захариев.
По свечената академија во централниот храм на Брегалничката епахија Свети Никола се одржа и прекрасен концерт на духовна музика на познатата Дивна Љубоjевиќ и Мелоди.
Ново на Сител
-
Волф: Ако Мерцедес не победи, ќе навиваме за Хамилтон, Луис ја заслужи осмата титула
-
Англиската асоцијација на судии го отпушти Кут
-
Сабаленка прогласена за тенисерка на годината од страна на „WTA Player Awards“
-
Во Скопје попладне протест за чист воздух
-
Собранието ќе ја одржи 22. седница
-
Реферирање за борбената готовност на Армијата пред претседателката Силјановска Давкова
-
Сирија беше тема на состанокот зад затворени врати на Советот за безбедност на ОН
-
Блумберг: Фејсбук-кампања стои зад победата на крајнодесничарскиот кандидат во Романија