Македонија
20. December 2018 - 16:42

Во Штип почина пожарникар - гасел пожар со неисправни апарати

Почина 57 годишниот пожарникар од Штип, Ѓорѓи Џонов при вршење на рутинска акција за гаснење на запален оџак. Вчера попладне ПП единица била повикана за гаснење на пожар во поткровје на зграда на ул. „Браќа Даневи“ во штипската населба „Автокоманда“. Сопственикот на станот на 5-ти спрат, кој го изградил поткровјето, вели дека тој заедно со соседите почнале да го гаснат огнот со вода, кога пристигнале двајца пожарникари со ПП апарати во неисправна состојба.

- Ниту шлемови, ниту гас маска, дојдоа, а апаратите неисправни. Притиска, стиска, но не е исправен, му велам „се полни ли се“, вели „полни се, ама не се исправни.

Еден од пожарникарите се симнал по други апарати, а Џонов останал во просторијата исполнета со чад. Во еден момент му се слошило и изгубил свест.

- Овде му се слоши. Соседките му даваа вештачко дишење, ги притискаа на срцето, но не успеаја да го... Потоа дојде и брза помош и го однесоа во болница, ама додека го однесоа во болницата, тој починал-додаде Капричаров

Докторите од клиничка болница само ја констатирале смртта, а телото е предадено на обдукција. Обдукциоскиот наод е готов, но урнек од крвта е однесен на хемиска анализа во Скопје, па се уште не може да се каже која е причината за смртта на пожарникарот.

- Да не шпекулираме во однос на причините. Кога ќе дојде извештајот од званичните органи, јавноста ќе биде на најсоодветен начин известена. Пак уште еднаш, длабоко сочуство до семејството на починатиот колега.

Штипските пожарникари изгубија драг колега со големо искуство, кој со бенефицираниот стаж, наскоро требало да замине во пензија.