Македонија
4. February 2016 - 13:46

Во Штип одбележани 144 години од раѓањето на Гоце Делчев

Во штипско Ново Село, каде што учителствувал Гоце Делчев, денеска беа одбележани 144 години од неговото раѓање. Во дворот на Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што се наоѓа Спомен-релјеф и неговиот споменик, цвеќе положија градоначалникот на Штип Илчо Захариев, ректорот Блажо Боев, делегации на институции кои го носат името на Делчев, претставници на Општинската организација на Сојузот на борци и на политички партии.

- Есента 1894 година Гоце Делчев добил учителско место во штипско Ново Село, каде што веќе учителствувал Даме Груев. Делчев влегол во редовите на Внатрешномакедонско-револуционерната организација (ВМРО) и активно се вклучил во организирање на организациската мрежа во Штип и околните градови. Мошне значајна е Делчевата дејност идното лето кога во Солун се одржал Конгрес на Организацијата, заедно со Ѓорче Петров се ополномоштени да го изработат Уставот и Правилникот на Организацијата. На почетокот на јануари 1898 година се воспоставува четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник на сите чети во Македонија, рече во пригодната реч Зоран Митев, наставник од ООУ„Гоце Делчев“-Штип.

Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев на денешното чествување на 144 години од раѓањето на Делчев истакна дека траен спомен за дејноста и за величината на Делчев за македонскиот народ и нација е тоа што Штипскиот универзитет го носи неговото име.

- Универзитетот со гордост и пиетет го носи името на Гоце Делчев и се што досега правиме е во права насока за тоа што тој го замислил за своите идеи, во својата младост, револуционерно делување во поглед на тоа што треба да биде македонскиот народ за својата култура, идентитет и во своето образование, рече Боев.

Тој посочи дека годинава, покрај реализиацијата на некои инфраструктурни проекти, главен акцент ќе биде ставен на студентите и на нивното квалитетно образование на факултетите на Универзитетот.