Македонија
26. May 2020 - 16:41

Во Штип нови пет случаи на заразени од Ковид-19

4 текстилни работнички од штипска конфекција се позитивни на Ковид 19. Вкупно заболени се 6 и сите се од истата конфекција која брои околу 100 вработени. Работничките се со средно тешка клиничка слика и се хоспитализирани на инфективното одделение при штипска клиничка. Првиот човек на општината вели дека разговарал со сопственикот на фабриката, но и со инспекциските служби од кои добил уверување дека таму е извршен увид, надзор и контрола и е констатирано дека не се прекршени мерките за носење на заштитна опрема.

Сопственикот ме информираше дека на негова иницијатива ќе ја затвори компанијата во наредниот период од недела дена, доколку биде потребно и повеќе, со цел да се испитаат сите вработени и да се види од каде се проширил вирусот во таа фирма- изјави Благо Бочварски, градоначалник на Штип.

Во Центарот за јавно здравје во текот на денот се земени 9 брисеви, од кои 7 се поврзани со конфекцијата, а во тек е и епидемиолошка анкета за работнички од други конфекции кои се превезувале со истиот автобус. Според првичните информации се работи за 10 лица, а сите сомнителни контакти со досега утврдените позитивни случаи ќе бидат ставени во домашна изолација. Денеска во Штип се регистрирани вкупно 5 позитивни на корона вирусот, со што бројот на активни случаи се искачи на 11.