Македонија
11. December 2017 - 16:00

Во Штип „Караван за детство без пречка во развојот“

Во изминатите неколку месеци Македонија бележи напредок во подобрување на условите за живот на лицата со попреченост,  истакна  Бенџамин Паркс,  директорот на канцеларијата на УНИЦЕФ  во Македонија на денешното свечено отварање на еднодневниот филмски фестивал „Караван за детство без пречка во развојот“ .

- Во последните неколку месеци има напори од страна на Македонија, но не се неопходни напори само од страна на Владата, туку од страна на целото општество, на сите луѓе. Напредок има. Но, тоа е еден процес кој не може да се постигне се во еден ден, вели Паркс.

Тој забележа дека не само Македонија, туку и останатите земји во Европа во изминатиот 20 до 30 години  поминале низ извесен процес на обезбедување нормални услови, но треба да се работи уште на ова поле, бидејки половина од децата со посебни потреби  не се вклучени во образовниот процес.

Штипскиот градоначалник Благој Бочварски во своето обраќање истакна дека локалната власт  е поддржувач на ваквите настани и работи да се подигне јавната свеста и да се подобрат условите за живот на лицата со попреченост.

-Треба да ги згледаме сите креативни концепти и идеи, а со тоа да го промениме начинот  на кој што општеството гледа на децата со попреченост и начинот на кој тоа се однесува кон нив. Сакаме јасно и гласно да се слушнат потребите и правата на децата со попреченост, да се создаде поволна клима која што ќе ги негува прифаќањето и суштинската интеграција на децата со попречености во рамки на заедницата, рече Бочварски.