Македонија
5. May 2017 - 14:23

Во Штип информативна сесија за проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“

Претставници од бизнис-секторот од малите и средни претпријатија од Штип денеска беа дел од 11-та информативна сесија во рамки на проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, а се реализира од страна на Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.

Ирена Мојсовска од Стопанската комора на Македонија вели дека на овие информативни средби се работи на теми поврзани со законските регулативи за даноци и царина, животна средина и работните односи. Бизнис секторот има можност да даде и свои предлози за подобрување на законската регултива.

- Не гледаме дека има потешкотии во применувањето на законите. Но, сите оние работи кои што ги имаат, да кажеме потешкотии при некои царински постапки или во делот на даноците или во делот на отпадот, се некои теми кои што се главно кои компаниите ги кажуваат. Сето ова се прави со цел да ги дефинираме проблемите, а потоа и да дадеме конкретни предлози, вели Мојсовска.

Влатко Панов, советник за екологија во Општина Штип вели дека компаниите кои имаат „А“ и „Б“ интегрирани дозволи постојано се консултираат со нив и со консултанските куќи. Забележува дека текстилниот сектор досега го има потенцирано проблемот со складирање и депонирање на отпадот по процесот на производство.

- Ние го имаме тој проблем евидентирано како единица на локална самоуправа. Во секој случај тоа е прашање кое што треба на повисоко ниво да се реши. Ние како единица на локална самоуправа не сме во можност да го решаваме тој проблем. Се надеваме дека со формирањето на регионалната депонија и со напредните практики и директивите на ЕУ, тој проблем ќе се реши во законски рамки, вели Панов.

Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ во Македонија ќе се одвива до седми јуни и ги опфаќа сите региони во земјава.