Свет
3. July 2020 - 15:23

Во Шпанија и Романија откриени печатници на лажни банкноти

Во одделни операции во Шпанија и Романија, со поддршка на експерти од Европол, минатиот месец биле откриени две илегални печатници на фалсификувани евра, односно романски леи.

Во операцијата во Шпанија, полицијата на таа земја соработуваше со колумбиските истражни тела, при што се уапсени двајцата главни осомничени, државјани на Колумбија, и претходно познати на локалните власти за слични активности.

Количината на опрема и суровини запленети во нивните домови укажува на тоа дека илегалната печатница што ја основале во Шпанија имала почетен производствен капацитет од околу 300.000 фалсификувани банкноти од европската валута.

Соработката меѓу колумбиските и шпанските власти овозможила следење на криминалните активности во нивната рана фаза и спречи можност за значителен износ на фалсификувани евра да стигнат до монетарниот систем на ЕУ, се наведува во денешното соопштение на Европол.

Романската полиција уапси еден од најголемите фалсификатори на полимерни банкноти, а покрај опремата што се користи за фалсификување, а во куќата на главниот осомничен биле запленети фалсификувани банкноти во вредност од околу 8000 евра, недовршени фалсификувани банкноти и репроматеријали.

Како што се наведува во соопштението, оваа илегална печатница почнала со работа во 2014 година, кога во Романија се појавиле во оптек првите висококвалитетни фалсификувани леи, а оттогаш се откриени 17.065 вакви банкноти, кои предизвикале финансиска штета во висина од околу 352.500 евра.

Во соопштението на Европол, исто така, се потсетува дека фалсификувањето пари спаѓа во надлежност на нејзиниот неодамна формиран Европски центар за борба против финансиски и економски криминал.