Македонија
18. September 2017 - 13:12

Во септември МТСП двапати исплати социјална помош и туѓа нега, едната е неисплатената од ноември 2011

Министерството за труд и социјална политика месецов извршило две исплати на социјална парична помош и туѓа нега за, како што посочуваат оттаму,  да ја исправат неправдата која на граѓаните им ја направила минатата власт со тоа што во средствата за ноември 2011 година не им ги исплатила во декември, туку во јануари наредната година.

Со ова, како што информира на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се случува скратување на еден месец во исплатата на овие права, а со тоа биле оштетени повеќе од 30 илјади граѓани со вкупна сума од над 240 милиони денари.

- Парите ги враќаме кај граѓаните. Министерството за труд и социјална политика овој месец направи две исплати од социјална парична помош и туѓа нега односно на 1 септември граѓаните добија една исплата, односно таа што е задоцнета и на 14 септември ја добија втората исплата во истиот месец со цел да се исправи неправдата што им е причинета на овие лица од најранливите категории, рече Царовска.

Информира дека за оваа исплата со ребланасот на Буџетот обезбедени се дополнителни 200 милиони денари.

Според неа, средствата за ноември 2011 не биле исплатени, поради тоа што во буџетот немало средства, поради што исплатата на направиле дури во јануари наредната година.

Во Буџетот, појасни таа, било прикажано дека нема финансиски средства и затоа не се направил трансферот, но, како што рече, се знае дека во 2011 година имаше некои капитални инвестиции што не биле во интерес на граѓаните.