Македонија
24. March 2020 - 10:31

Во самоизолација од КОВИД-19 во Малешевијата, 88 лица

Тринаесет лица во Пехчево и 75 во Берово во моментот се наоѓаат во домашна самоизолација, како резултат на враќањето од други земји. Ниту едно од лицата, како што информираше д-р Сузана Каракашева, нема симптоми на Ковид-19.

– Сите лица кои се во самоизолација се чувствуваат најдобро што можат како што самите изјавија по телефон. Веќе од денеска е отворен пункт во Центарот за јавно здравје во Кочани за тестирање за сомнителни и позитивни. Тестирањето и за нашите граѓани ќе се врши со посебни протоколи во договор со матичните лекари, вели Каракашева.

Воедно, таа додава дека се планира пункт за тестирање и во Берово.

– Во моментот се опремува и пункт во здравствениот дом во Берово. Треба да се изврши проверка дали просторијата е и дополнително ќе бидете известени кога и ние на нашето подрачје ќе може да почне тестирањето, додава Каракашева.

Исто така, лекарката Каракашева, апелираше до граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за спречување на појава на заразата од вирусот КОВИД-19. Досега во Берово и Пехчево нема случаи на заразени од коронавирус.