Свет
10. May 2017 - 9:35

Во САД првпат сите трошоци достапни на вебсајт

Американското Министерство за финансии денеска ја промовираше новата верзија на веб страницата, која првпат овозможува јавно следење на сите категории на трошоци на државната власт, кои минатата година изнесуваа 3,85 илјади милијарди долари.

Новата интернет страница на адресата beta.usaspending.gov претставува круна на тригодишниот напор за подобрување на постоечката веб страница usaspending.gov, со цел да се обезбеди поширок увид во државната потрошувачка, а не само податоци за доделувањето средства и за набавките, кои биле достапни на претходната верзија на сајтот.

Овој проект сега на едно место обединува околу 400 различни категории податоци од повеќе од сто сојузни агенции, со екстракција на информации за трошоците од повеќе илјади различни компјутерски системи на органите на власта. 

- Сајтот е дизајниран со софтвер со отворен код, кој им овозможува на приватни компании да вршат анализи и доставување на комерцијални барања за податоци, изјави висок претставник на Министерството, кој работел на проектот. 

На страницата сега се достапни сите податоци за фискалната 2017 година до денеска, а показателите од претходните периоди ќе бидат додадени подоцна. Податоците ќе бидат ажурирани квартално. 

- Новата страница им овозможува на даночните обврзници можност да следат како се трошат речиси четири милијарди буџетски средства од Вашингтон директно во нивните заедници и градови, изјави американскиот министер за финансии Стивен Менучин. 

На новата верзија е истакнат графикон од кој јасно се гледа дека повеќе од половина од сојузната потрошувачка оди на три категории, социјална заштита (23,9 отсто), здравство (14,9 отсто) и војска (14,9 отсто).