Свет
13. September 2015 - 8:55

Во Русија денеска се одржуваат избори за регионални и градски Парламенти

Во 83 од вкупно 85 субјекти на Руската федерација денеска се одржуваат регионални избори. Поради временската разлика во најисточните региони од земјата избирачките места веќе ги отворија своите врати за гласачите, информира ТАСС.

Денешните избори се рекордни според бројот на мандати што треба да бидат распределени, но и според бројот на кандидати.

Според податоците на централната изборна комисија, ќе се оддржат 10.700 избори на различни нивоа, а во 10 субјекти на РФ ќе има 70 локални референдуми.

Директни избори и референдуми годинава нема да се одржат само во Северна Осетија и Кабардино-Балкарија.

По денешното гласање на регионално и општинско ниво ќе се распределат над 90.000 мандати и 1.300 изборни должности.

На изборите учествуваат 207.000 кандидати,  односно за секој изборен мандат има по двајца кандидати.

Директни избори за губернатори ќе се одржат во 21 региона, во 11 субјекти жителите ќе избираат регионални законодавни собранија, а во 23 регионални престолнини ќе има избори за градски Парламенти.

Денешните избори, според повеќето набљудувачи, ќе го потврдат влијанието на партијата на власт „Единствена Русија“, посочуваат француските медиуми.