Бизнис
4. January 2019 - 19:15

Во РЕК Осломеј ќе се гради фотоволтаична централа, инвестиција од 7 милиони евра

Ќе се гради соларна централа во околината на РЕК Осломеј. Се работи за инвестиција вредна 7 милиони евра. Од нив, 5,9 милиони евра се кредит од ЕБОР, а остатокот се сопствени средства на ЕЛЕМ. Првите мегавати се очекува да се произведат за една година.

“Во моментов бројот на вработени е околу 1.000. Со новата инвестиција не планираме да се зголеми бројот, меѓутоа планираме тие што веќе работат во рудникот, каде што нема веќе руда, при крај се наоѓалиштата на јаглен, да ги доедуцираме и да работат во новата фотоволтаична електрана”, вели Драган Миновски, директор на ЕЛЕМ.

Фотоволтаичната централа ќе се простира на површина од 15 хектари и ќе се гради врз веќе постоечкиот рудник. Годишно ќе произведува околу 15 гигават часови енергија, количина доволна да ги покрие годишните потреби на околу 2.000 домаќинства.

“Ова е една многу важна капитална инвестиција од страна на државната компанија ЕЛЕМ, а тоа се совпаѓа и со определбата на оваа Влада, но истовремено и со новиот Закон за енергетика за исполнување на сите обврски што Македонија ги има преземено во рамки на Енергетската Заедница”, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Со оваа инвестиција Осломеј од загадувачки ќе се претвори во објект што ќе произведува чиста енергија.

 “ТЕЦ Осломеј, кој што со мали исклучоци скоро и да не работеше во претходните години, полека ќе го претвориме од еден загадувачки објект за производство на електрична енергија во еден еколошки објект што ќе произведува чиста електрична енергија”, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Од ЕБОР велат дека овој проект е особено значаен бидејќи освен чиста, нуди и евтина енергија.
Во делот на енергетика, за годинава предвидени се инвестиции вредни меѓу 250 и 300 милиони евра.