Македонија
14. November 2016 - 12:48

Во првото телевизиско интервју Трамп најави депортација на три милиони илегални имигранти

Избраниот претседател на САД Доналд Трамп изјави дека ќе депортира два до три милиони мигранти, кои се без документи, веднаш по стапувањето на функцијата.
 
Во првото телевизиско интервју од победата на претседателските избори, Трамп истакна дека ќе ја спроведе имигрантската политика која ја заговараше за време на изборната кампања, дополнувајќи дека ќе биде изграден и ѕид на границата со Мексико.
 
– Она што ќе го направиме е тоа дека луѓето кои се криминалци или имаат криминално досие, кои се членови на банди, дилери на дрога, а вакви луѓе има два до три милиони, ќе ги депортираме од државата или ќе ги притвориме, изјави Трамп за емисијата „60 минути“ на телевизијата Си-Би-Ес.
 
– Ќе ги истераме од државата, бидејќи тука се илегално, истакна Трамп.
 
Тој објасни дека дури кога границата ќе биде „безбедна“, тогаш Бирото за имиграција ќе го процени статусот на преостанатите имигранти во земјата, кои се без документи.
 
На прашањето дали навистина планира изградба на јужната граница, Трамп едноставно одговори: Да.