Македонија
27. January 2016 - 20:01

Во прво читање поддржан Предлог-законот за универзитет за национална одбрана, безбедност и мир

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 90. седница во прво читање го поддржа Предлог ­ законот за основање универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“.

Планирано е во рамки на универзитетот да функционираат осум целини односно Воена академија, Воздухопловна академија, Факултет за безбедност, Медицински факултет, Факултет за мировни студии и кризен менаџмент, Правен факултет, Институт за командни и штабни функции и лидерство и Институт за информатички технологии и сајбер безбедност.

Најголем дел од осумте целини на универзитетот се очекува да почнат со работа во академската 2016/17 година.

- Основната идеја со формирањето на овој универзитет произлезе уште пред неколку месеци кога во комуникација и соработка со Министерството за одбрана на РМ беше констатирана потреба од зголемување на квалитетот на образованието кое што е неопходно за потребите на Армијата на РМ. Според тоа пристапвиме кон една сеопшта анализа на искуствата коишто постојат во западноевропските земји согласно чии што стандарди Министерството за одбрана функционира и работи, а секако и во делот на потребите на Армијата и вкупната  одбрана и безбедност во РМ, истакна заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Додаде дека била констатирана потреба од формирање на еден ваков универзитет во чии што рамки ќе влезе веќе постојната воена академија која што функционираше како дел високообразовниот систем.

Предвидено е, рече Ристовски, е формирање на воздухопловна академија во рамки на која што ќе се врши едукација на кадар којшто ќе биде употребуван за потребите пред се  армијата, за полицијата во одделот на хеликоптерската единица, но, истовремено ќе се едуцираат и пилоти за цивилна намена односно за управување со цивилни воздухоплови.

- Планирано е да се отвори факултет за безбедност во чии рамки ќе има комплет студии од цивилниот сектор за потребите на цивилниот сектор, медицински факултет, за мировни студии, кризен менаџмент, правен факултет, институт за командни и штабни функции и лидерство и институт за информатички технологии и сајбер безбедност. Основната идеја е да се обезбеди зголемување на квалитетот во високото образование со посебен акцент на потребите коишто се наменети за одбраната и безбедноста во РМ, истакна заменик-министерот Ристовски.

Собранието денеска расправаше и ги усвои измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на лицата опфатени со правилата на однесување и работење содржани во правилникот за хоспитална култура, на утврдување на висината на трошоците за подготовка на кандидатот за директор за полагање испит за директор и висината на трошоците за полагање на испитот, донесување на подзаконски пропис за полагање на стручниот испит за здравствените работници со средно, вишо и високо стручно образование и здравствените соработници со високо образование...

Исто така со измените и дополнувањата се регулира и правниот основ за донесување на правилникот за специјализации и супспецијализации, овластување за техничко спроведување на колоквиумите, интермедијалниот и специјалистичкиот испит, како и правниот основ за донесување на правилникот за утврдување на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање, постапката за запишување на здравствени работници и здравствени соработници на специјализација и супспецијализација, престанок на специјализација, односно супспецијализација...