Македонија
6. March 2017 - 20:10

Во Прилеп протестен марш под мотото „За заедничка Македонија“

Под мотото „За заедничка Македонија“ повеќе здруженија и граѓани вечерва одржаа простестен марш во центарот на Прилеп, на кој испратија пораки за заштита на името и унитарноста на државата.

Од името на патриотското здружение „Пере Тошев“, еден од организаторите на протестите, Васко Смилески рече дека нема да се дозволат туѓи платформи.

- Нема да дозволиме црвено-жолтата линија да се помине и нема да поминат никакви платформи создадени во туѓи држави. Нашата порака е да останеме сите заедно и да ја сочуваме оваа Македонија што ја имаме, посочи Смилески.

Според Ацо Јованоски од Здружението „Карпалак“ македонските политички парти и политичарите треба да си подадат рака за малцинска влада.

- Уште од Илинден 1903, па 1941 и 2001 година се докажа дека Македонија е голема и треба да ја сочуваме. СДСМ и Зоран Заев да си подадат рака со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и да направат малцинска влада. Видовме дека албанската платформа ја осудија и соседните земји Србија, Бугарија, па и Хрватска, рече Јованоски.

Насобраните вообичаено го поминаа протестниот марш по булеварот „Гоце Делчев“ од споменикот „Прилепски бранители“ до споменикот „Карпалак“.