Македонија
24. March 2017 - 13:45

Во Прилеп премиера на „Ништо без Трифолио“ за Светскиот ден на театарот

Прилепскиот народен театар во пресрет на одбележувањето на 27 Март - Светскиот ден на театарот премиерно ќе ја изведе претставата „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, а во режија на Коле Ангеловски.

На денешната прес-конференција режисерот Коле Ангеловски, кој 35 години соработува со Прилепскиот народен театар со 26 претстави истакна дека е големо задоволството да работи со ансамблот.

- Со Прилепскиот театар прославувам редок јубилеј - соработуваме 35 години со 26 претстави. Тоа се претстави што публиката сака да ги гледа, како што се „Солунски патрдии“, „Од кол на кол“ кои имаат рекордни изведби што се реткост и за Македонија, истакна Ангеловски. 

Тој нагласи дека дејството на претставата „Ништо без Трифолио“ се случува во римско-античко време.

- Идејата беше да направиме љубовно-еротска приказна, но и да отсликаме работи кои денеска ни се случуваат во животот. Во претставата играат 11 актери, рече Ангеловски.

За актерот Илија Волчески, кој го толкува главниот лик - Трифолио, ова е прва соработка со режисерот Ангеловски.

- Ликот што го толкувам - Трифолио е лукав човек и се што се случува зависи од него. Трифолио преку пријателството, а Амор преку љубовта ги соединуваат сите ликови во претставата. Се надевам дека публиката ќе ужива во изведбата, рече Волчески.

Директорот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ Тони Чатлески смета дека соработката со режисерот Ангеловски е најплодна за театарот.

- Респектабилни се бројките - 35 години соработка на Ангеловски со Прилепскиот театар и 26 претстави меѓу кои се и најгледаните од публиката. Претставата „Солунски патрдии“ има 100 изведби, а комедијата „Од кол на кол“ бележи 120-тина изведби, рече Чатлески. 

Во претавата „Ништо без Трифолио“ играат Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Илија Волчески, Александар Тодески, Марјан Чакмакоски, Димитар Црцороски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илијеска и Михајло Миленкоски. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите се на Раде Василев, а музиката на Томе Темелкоски.