Македонија
7. August 2018 - 22:28

Во Прилеп почна одбележувањето на 17-годишнината од Карпалак

Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп започна одбележувањето на 17 годишнината од трагичниот настан кога кај месноста Карпалак за време на конфликтот во 2001 година од страна на терористите на 8 август беа убиени 10 мина прилепчани. Ацо Јованоски – Реган е еден од преживеаните вели дека се уште и по 17 години голем дел од барањата на бранителите не биле исполнети, ниту пак бил изграден споменик за нив каде тие загинале.

„И утре исто така ќе ги положиме цвеќето и венците на банкината на автопатот. Владата ветуваше многу, не само минатата, и сите претходни влади, дека ќе го решат проблемот со бранителите, но за жал и ден денеска не е решен. Сите на тоа име си прават дневнополитички маркетинзи“, изјави Ацо Јованоски, возач на запалениот автобус кај Карпалак.

Менка Секулоска, мајка на загинатиот бранител Пецо Секулоски, порачува оваа војна никогаш да не се повтори.

„Тажни години, жални години, нивните места кај и да поминуваме, сето е празно. Ги нема нигде и никаде. Тажни сме и ден денеска. Да не дозволиме тоа нешто да се случи повеќе“, рече Менка Секулоска, мајка на загинатиот браниител Пеце Секулоски.

Националниот координатор на Владата за бранителите Стојанче Ангелов истакна дека со амнестијата од 2001-ва и толкување на законот од 2008 била затворена секаква можност за истраги и за одговорност.

„Но 17 години подоцна ние треба да гледаме во иднината. Сведоци сме дека и на Балканот и на Европа имаше држави кои што имаа многу поголеми непријателства и многу драстично поголем број на жртви, па денес тие држави градат добрососедски односи и одат напред. Истото треба да го направиме и ние“, истакна Стојанче Ангелов, нациионален координатор на Владата за бранителите.

Присутните ја посетија и спомен собата посветена на 10-те прилепски херои. Од Општина Прилеп рекоа дека во иднина ќе се заложеле за потребите кои ги имале семејствата на бранителите од 2001-ва.

„Мојата заложба е да им се помогне колку се може во нашата надлежност и можност, ќе им излеземе во пресрет на членовите од семејствата на бранителите“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Одбележувањето од касарната продолжи кај спомен обележјето во манастирот Света Петка кај село Лениште, а утре ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на бранителите во центарот на Прилеп.