Македонија
9. April 2020 - 19:30

Во Прилеп 8 новозаразени од коронавирус, експертите се сомневаат дека препораките не се почитуваат

Осум нови граѓани заразени со корона вирус денеска се регистрирани во Прилеп. Со ова градот под Марковите Кули се најде на четвртото место со 46 заболени од Ковид 19 во државава. Од Центарот за јавно здравје велат дека сега започнува заразувањето преку локална трансмисија, на веќе потврдени кластери.

„Ова кажува дека не се почитуваат мерките, за кои сметам дека и на ова ниво се доволно ригорозни. Станува збор до граѓаните, треба да се почитуваат мерките, построги од овие мерки следна мерка е карантин на градот“, вели, Драгица Николоска, директорка на Центар за јавно здравје Прилеп.

Во Припеп досега се затворени неколку стопански субјекти поради заразени вработрени со корона вирус. Дел од вработените се жалат дека сега сопственците по само неколку дена пауза повторно ги тераат да работат. Од Центарот за јавно здравје велат дека тоа е не е противзаконски.

„Иако има позитивен, доколку се придржуваат фирмите на сите оние препораки кои треба да ги почитуваат, тогаш нема проблем да продолжат со работа доколку ги почитуваат сите препораки“, додаде Николоска.

Од болницата во Прилеп велат дека очекуваат во наредниот период зголемување на бројот на заразени и затоа се прекипираат.

„Докторите кои се тројца инфектолози веќе се малку истоштени подолг период. Денеска на состанокот на кризниот штаб на ниво на болница беше одлучено да се вклучат 5 специјализанти и 5 сестри од другите одделенија со цел да им помогнат во работењето“, изјави Драган Богоески, директор на Општа болница Прилеп

Од Општината упатија апел граѓаните да ги почитуваат мерките затоа што само така ќе се намалел бројот на нови случаи.

„Да бидеме повнимателни, поодговорни, да ги почитуваме сите препораки“, повтори Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Досега во Прилеп биле направени 250 тестови, а секој ден до Институтот за јавно здравје во Скопје се испраќале од 15 до 20 брисеви.