Македонија
30. March 2018 - 16:29

Во пресрет на сезоната на алергии нема реагенси за проверка

Нема реагенси на детската клиника за откривање на алергија од полен преку кожни испитувања. Здравствените установи нецелосно подготвени ја дочекаа сезоната на алергии. Иако испитувањата се прават и преку крв, поголем број од педијатрите се категорични дека алергијата подобро се докажува на тест на кожа.

Во сезона на алергии, Клиниката за детски болести нема реагенси за полен. Не прават кожни испитувања кај децата за навреме да откријат дали реагираат на дрвјата кои цветаат овој период. Педијатрите се категорични дека оваа дијагностика е неопходна за навреме да им дадат терапија на пациентите. Иако испитувањата се прават и преку крв, велат дека резултатот од кожа е попрецизен. Директорката на Клиниката вели дека проблемот со немањето на материјали за работа е кај добавувачот.

-Неколку месеци нема. Проблемот е кај добавувачот кој ги немал овие реагенси, но добивме ветување дека за десетина дена ќе ни достават, вели др. Кети Ставриќ, директор на Клиника за детски болести

И додека недостасуваат реагенси, педијатрите велат дека секоја година се поголем број на деца доаѓаат на клиниката со некој вид на алергија. Најчеста е онаа на полен. Но според доктор Ставриќ, не треба терапија доколку детето има алергија но е без симптоми.  

-Значи и да се покаже дека има алергија а нема симптоми, тоа не значи дека треба да се дава терапија. И кога цветаат дрвјата а детето е алергично, не треба тестирање бидејќи тогаш ќе има уште побурна реакција кај детето, вели др. Ставриќ

Освен што неможат преку кожни испитувања да докажат дали децата имаат алергиски реакции на полен, Клиниката за детски болести нема реагенси и за утврдување на алергија од мачка.