Свет
30. August 2016 - 11:37

Во пожарите во Колорадо снимено "огнено торнадо" кое остава пустош зад себе

Во неколку американски сојузни држави, веќе со месеци беснеат огромни пожари со кои пожарникарските екипи многу тешко се справуваат. Илјадници пожарникари, специјални возила и хеликоптери се ангажирани во гасењето на пожарите во неколку американски држави.
 
Сезоната на пожари во САД моментално е во полн ек, а покрај тоа што беснеат неколку големи пожари во Калифорнија, пожар беснее и во Колорадо, а за тоа каква е ситуацијата таму, најдобро може да се види на фотографијата погоре која што ја направил пожарникар во близина на Волден.
 
Имено, пожарникарот успеал да фотографира огнено торнадо, а американските медиуми тврдат дека иако ваквите „торнада“ траат многу кратко, сепак можат да бидат исклучително опасни.
 
Како и да е, сепак, не станува збор за комбинација на пожар и торнадо. Ваквите „торнада“ настануваат кога топол и сув воздух, кој е поблиску до земјата, започнува наеднаш да се подига и да се врти во круг, формирајќи вртлог.
 
Пожарите во овој дел од земјата, како што пренесуваат американските медиуми, се голем проблем за пожарникарите уште од јуни оваа година, а иако со пожарите се борат голем број на противпожарни екипи, тамошните медиуми и експерти проценуваат дека огнената стихија ќе биде ставена под контрола некаде кон октомври.