Македонија
7. November 2020 - 11:40

Во пожар изгоре штала во населба Милково Брдо во Делчево

 Во пожар кој се случил утрово два часа по полноќ, изгоре помошен објект-штала со поголема количина сено во делчевската населба Милково Брдо. Пожарот веднаш бил пријавен до Тертиторијалната противпожарна единица Делчево, од каде информираа дека при интервенцијата е спасена живината и дел од стоката која се наоѓала во шталата.

-Дојавата е примена во 2 часот 20 минути по полноќ. Интервенирано е со две противпожарни возила и шест пожарникари. Во пожарот запален е објект штала или шупа со поголема количина на сено и копа со сено која се наоѓала веднаш до објектот. Внатре имаше шест-седум кози и кокошки, сите се спасени, информираше Миле Тодоровски од ТППЕ Делчево.

Пожарот е ставен под контрола, а утрово се уште беше видлив чадот од опожарената штала, која се наоѓа спроти улица и блиските куќи на самиот почеток на населбата Милково Брдо. Според очевидци, брзата интервенција на пожарникарите спречила било каква можност пожарот да се прошири.

Причините за несреќата според надлежните допрва ќе се утврдуваат.