Свет
31. January 2017 - 11:12

Во последните 24 часа во источна Украина убиени тројца украински војници и четворица сепаратисти

Во последните денови дојде до интензивирање на борбите во источна Украина меѓу владината војска и сепаратистичките бунтовници, а само во последното деноноќие на двете страни се убиени вкупно седум лица, јавија американските медиуми.

Во артилериски напад врз градот Авдеевка, што е под контрола на власта, убиени се најмалку тројца војници, а други 20 биле ранети, соопшти прес-службата на воената операција во источна Украина.

Наводно, во борбите имало и неутврден број цивилни жртви.

Бунтовничката Доњецка информативна агенција соопшти за четворица убиени и седуммина ранети бунтовници, пренесува БТА.

Борбите го прекинаа водоснабдувањето во поголем дел од градот, што, освен тоа, остана без затоплување заради ниските надворешни температури, што достигнаа до 18 степени под нулата.

Директорот на локалната фабрика за кокс вчера изјави дека се вршат подготовки за запирање на нејзината работа, што ретко се случувало од почетокот на конфликтот, во 2014 година.

Бунтовниците во Доњецк, исто така, соопштија дека во артилерискиот напад била оштетена и електричната потстаница во градот. Тоа довело до прекин на електричната енергија во рудникот за камен јаглен „Заседко“ во Доњецк, блокирајќи под земја над 200 рудари.