Македонија
6. March 2021 - 8:47

Во пораст заразените со Ковид-19, се очекуваат првите количини од вакцината Спутник V

Бројот на пациенти заразени со КОВИД-19 во земјава и натаму е во пораст. Зголемен број на пациенти има во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид. Во изминатото деноноќие се направени 3.519 тестирања, а регистрирани се 843 нови случаи со КОВИД-19. Починати се 11 лица, сите во болнички услови, а оздравени се 333 пациенти, од кои 115 се од Скопје.

Здравствените власти уверуваат дека со почитување на мерките за заштита и со вакцинација ќе се сузбие пандемијата со КОВИД-19. Вакцинацијата против КОВИД-19 во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“. Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека сме подготвени за масовна вакцинација на населението. Вакциналните пунтови насекаде низ земјава се подготвени, има едуцирани доктори и сестри за работа со вакцините и смета дека процесот треба добро да се одвива. Информира дека досега околу 120.000 граѓани се пријавени за вакцинација и најави дека се планира кампања за таа цел.

Како што најави премиерот Зоран Заев, в недела во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани. Тоа го потврди и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека првите количини од  руската вакцина Спутник ќе стигнат в недела со специјален транспорт, преку компанијата „ДХЛ“, во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите.

-Ова е вакцина која што за разлика од Фајзеровата се чува на температура од – 18 до -20 степени, за што нашата инфраструктура е спремна. По преземањето ќе се смести во нашите фрижидери, ќе се организира процесот на вакцинацијата во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје, изјави Филипче. Доколку овие вакцини стигнат в недела, многу рано, Филипче очекува на почетокот на следната недела да почне вакцинацијата и со вакцината Спутник V.

-Ова е вакцина која што ќе биде наменета за три илјади граѓани заради тоа што првата вакцина и ревакцината се практично со различен вектор, зема обврска компанијата за најмногу три недели, односно нешто порано за да може да се организира и процесот на ревакцинација стигнат и дополнителните три од ревакцините, а во меѓувреме се чекаат информации и за останатата динамика, појасни Филипче.

Како што изјави вчера премиерот Зоран Заев, за евентуални нови рестриктивни мерки, Владата ќе ја чека Комисијата за заразни болести.

-За евентуално други рестриктивни мерки ќе ја чекаме Комисијата за заразни болести. Веројатно тие ќе работат денеска и во текот на викендот, а во понеделеник во 9 часот стандардно има состанок  Главниот координативен штаб на Владата каде присуствува и министерот за здравство. Ние ќе ги следиме нивните препораки, изјави вчера Заев. Имаме еден нов пик, рече Заев, но да видиме што ќе кажат бројките овие денови и конечно кој ќе биде предлогот на Комисијата за заразни болести.

Со ист став е и министерот Филипче, кој изјави дека се внимателни и ќе ја следат состојбата со ковид-пациентите во земјава и следните денови. – Заклучно со почеток на следната недела ќе одлучуваме дали се потребни некакви дополнителни рестриктивни мерки или не, нагласи Филипче.

Граѓаните, порача, мора да ги почитуваат превентивните мерки и затоа што тоа и понатаму останува еден од главните механзими во борбата против пандемијата со КОВИД-19.