Бизнис
26. April 2018 - 18:27

Во понеделник оглас за распределба на земјиште во „Џумајлија“

 - Постојано сме отворени за земјоделците, остваруваме средби со сите здруженија, ги детектираме проблемите напластени изминатите 11 години и пристапуваме кон нивно системско решавање, рече попладнево ресорниот министер Љупчо Николовски на собраниска седница.

Одговорајќи на прашањето што му го постави пратеничката Благица Ласовска, Николовски прецизира дека со спомнатото земјоделско здружение од Свети Николе лично имал средба уште минатата година, директно на терен, каде било договорено, а потоа и реализирано стопроцентно зголемување на субвенциите.

- Договаравме мерки кои потоа беа поздравени - стопроцентно ја зголемивме субвенцијата по хектар на ниво на Македонија, не само во овој регион, наместо 6.000 земјоделците добија 12.000, тоа беше една од мерките, не обестештување, туку дополнителна поддршка. Целосно расчистивме и со субвенциите, плус обезбедивме дополнителна мерка за јачемн предаден во преработувачки капацитети, објасни министерот.

Осврнувајќи се на предизборните ветувања, нагласи дека во јануари земјоделците ќе бидат ослободени од персонален данок, а ќе добијат и „зелена нафта“. За климатските промени, пак, рече, континуирано се преземаат голем број мерки.

- Ќе се ревидира и распределбата на земјоделското земјиште. Околу 15.000 хектари се ослободени само во последниве месеци, денес во Министерството се спроведе електронска аукција за 4.000 хектари, а во понеделник ќе се распише нов оглас за над три хектари за „Џумајлија“ и дурги површини. Ви ја разбирам нервозата заради посветеноста на оваа Влада и министерот кој доаѓа од земјоделски крај и дава апсолутна поддршка на секторот, подвлече Николовски, додавајќи дека Македонија е способна и за иновативно земјоделство, но најпрво мора да се решат основните проблеми.