Македонија
28. August 2018 - 10:00

Во полошко полицијата за шест месеци открила 1.118 возачи без дозвола

 Полицијата на тетовското подрачје во првите шест месеци од годинава открила 597 возачи без положен возачки испит и валидна дозвола. Бројката на вакви „диви“ возачи фатени во гостиварско во истиот период изнесува 521, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Тој посочи дека главно станува збор за лица кои управувале патнички возила, мотоцикли, а неретко се среќаваат зад волан и на комбиња, камиони, па дури и на автобуси. Најголем број од овие лица, појасни, се на возраст од 17 до 30 години од кои не мал број годинава биле и непосредни учесници во сообраќајни несреќи меѓу кои и со посериозни, смртни последици.

Тој најави дека и во следниот период ќе продолжат контролите во чие средиште се возачките дозволи и кои на тетовско-гостиварските простори ќе се спроведуваат со зголемен интензитет и динамика.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 225) за прекршокот управување без возачка дозвола предвидена е парична глоба од 300 евра во денарска противвредност, а исто толку изнесува и глобата за лицата кои ќе ги дадат на користење возилата на тие кои не поседуваат возачка дозвола