Македонија
28. July 2018 - 9:58

Во полошко месецов 67 странски државјанки на нелегална работа во угостителски објекти

Ноќните забави во полошкиот регион покрај гостите ги посетува и полицијата. Објектите им се познати и на клиентелата, но и на полицијата, која годинава во нив спровела триесетина контроли. Сомнежот дека под светлата на рефлекторите на подиумите има нелегални активности со контролите на виделина вади интересна појава. Пејачки, танчерки, девојки за друштво од земјава, па и странство, заработуваат на нелегален начин.

Со последната акција на полицијата во полошкиот регион, вкупниот број странски државјанки, кои непријавено престојуваат и нелегално работат во објектите, во јули достигна 67. Тоа е приближно иста бројка со вкупно откриените (63) во првите шест месеци и вкупно и до денес достигна 130 лица.

Танчерки

Според информациите на СВР Тетово, во текот на овој месец, спроведени се 12 акциски контроли (шест во тетовскиот и шест во гостиварскиот регион).

Полициски службеници од Полициско одделение Галате, деновиве спровеле акциска контрола во угостителски објект во село Добридол. При контролата, во објектот биле затекнати осум женски лица, од кои една државјанка на Република Србија и седум македонски државјанки.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски појаснува дека од почетокот на месецот, па до 26 јули во 12-те контроли на поширокиот полошки регион биле опфатени 13 објекти. Во овие контроли затекнати, односно откриени се 67 странски државјанки. Најголемиот број од нив (50) биле од Албанија, шест од Косово, шест од Србија и по една од Црна гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија и Грција. Според возраста, тоа се женски лица претежно на возраст од 18 до 40 години.

Поголемиот дел од нив доаѓаат во земјава на краток престој за викенд, но и на месец-два. Умешноста во танцувањето, пеењето или служењето пијалаци во ноќните барови и ресторани со музика ја наплаќаат. При приведувањето кај нив полицијата констатира редица прекршувања на законите во РМ.  

Танчерки

- Безмалку сите го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта и нелегално работеле како пејачки, танчерки, келнерки или друг угостителски персонал. Речиси сите странски државјанки, претежно на возраст од 18 до 40 години, депортирани се во нивните матични земји, откако претходно биле изведени пред судија за прекршоци, кој им изрекол парични казни и времени мерки-забранет влез во Република Македонија од една година, вели портпаролот Јосифоски.

Во евиденцијата на полицијата стои и дека во изминативе шест месеци од годинава на тетовско-гостиварското подрачје спроведени се вкупно 17 акциски контроли. Направени се во 21 угостителски објект и при тоа биле откриени 63 странски државјанки, најмногу од Албанија, Србија и Косово. Нивниот ангажман по приведувањето се санкционира, зависно од прекршокот.

- Речиси сите странски државјанки, депортирани се во нивните матични земји, откако претходно биле изведени пред судија за прекршоци, кој им изрекол парични казни и времени мерки-забранет влез во Република Македонија од една година.

Од СВР Тетово најавуваат дека и во наредниот период ќе се спроведуваат вакви акциски контроли. Нивната цел, како што наведува портпарот Јосифоски, е откривање и законско санкционирање на странски државјанки, кои непријавено престојуваат и работат на подрачјето. При расчистувањето на случаите се испитува и нивната евентуална инволвираност во проституција, трговија со луѓе или други незаконски активности.

Зоран Г. Маџоски/МИА