Македонија
30. August 2020 - 13:57

Во поликлиника Чаир повторно трета смена за магнетна резонанца

 Здравствен дом Скопје информира дека од септември повторно се воведува трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир и веќе може да се закаже преку електронскиот систем МојТермин.

Сите други служби на здравствен дом функционират редовно. Продолжува редовната работа на кабинетите за дигитална мамографија во поликлиниките Букурешт и Чаир, како и работата на Итната медицинска помош, прераспределбата на специјалисти интернисти во останатите градови во земјава како дополнување и помош на инфективните одделенија во Клиничка болница Штип и во болницата во Куманово, соопшти Министерството за здравство.

-Во изминатиот период во континуитет се одвиваа прегледите во скопските поликлиники, а постојано работеа и дополнителните дежурни служби. Сега главната новина се однесува на повторното воведување трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир, се вели во соопштението.

-Апаратот за магнетна резонанца и апаратот за мамографија се нови современи дигитални апарати со кои се прават навистина квалитетни прегледи, нагласува директорот, д-р Виктор Исјановски и дополнува дека на месечно ниво, магнетна резонанца прават околу 250 пациенти.

Побарувањата за ваквите прегледи се големи, а не станува збор само за пациенти од Скопје, туку и за, околу 30 проценти, пациенти од останатите градови во државата. Затоа, како што истакнува Исјановски уште лани е донесена одлука за воведување трета смена, со цел да се намали и чекањето за ваквите прегледи.

Од институцијата информираат дека новина е и воведувањето дигитални апарати за снимање скелет графии, кои се пософистицирани и со сосем мала доза на зрачење во поликлиниките во Чаир, Јане Сандански и во Ѓорче Петров.