Македонија
4. February 2019 - 13:12

Во планинарска акција хуманитарно собрани пари за социјално загрозено семејство

Во планинарска акција, хуманитарно беа собрани првите пари за помош на социјално загрозено семејство од неготинско, во рамки на хуманитарниот маратон „Неготино се буди”, што се спроведува месецов со повеќе спортски и културни настани.

– Заѕвони првиот аларм. Неготино почнува да се буди. Падна првиот огромен чекор од серијалот наречен „Хуманитарен маратон”. За сето ова се заслужни луѓето од планинарскиот клуб „Free Hikers” кои се искачија на планината Серта. Тие го отворија проектот и ги обединија сите планинарски клубови кои беа на терен. И покрај неповолните временски неприлики,  успеаја да ја исполнат својата доброволна мисија и да соберат 4550 денари, рече организаторот Димитар Аврамов за МИА.

Тој појасни дека дел од екипата што го реализира Хуманитарниот маратон наречен „Неготино се буди”, отишла на терен во село Долни Дисан, за на лице место да увиди какво е расположението и мислењето на соселаните на семејството на кое му се помага.

– Тоа беше кратка посета и од разговорот со повеќе жители, ни беше соопштено дека сме на правото место и во правото време. Ја добивме поддршката во целост. Тоа ни даде уште поголема мотивација за да продолжиме со едно посилно темпо за остварување на нашите цели и идеи, додаде Аврамов, кој повеќе години организира хуманитарни настани, со цел да им се помогне на оние, на кои поддршката од другите им е неопходна.