Свет
14. August 2016 - 11:52

Во Перу 50 илјади учесници во протестот против насилството врз жените

Повеќе од 50 илјади лица учествуваа вчера во главниот град на Перу, Лима и во уште осум други градови во протестниот марш против насилството врз жените и како што нагласија, рамнодушноста на судскиот систем.

Организаторите нагласуваат дека ова е досега најбројниот протест во Перу, а следеше по неколку случаи, кои детално беа пренесени од медиумите, во кои на мажите насилници им се одредени премногу мали казни за насилството.

Протестниот марш заврши пред Палатата на правдата во Лима. Во маршот учествуваа и претседателот на Перу Педро Пабло Кучински и првата дама Ненси Ланг. 

- Во Перу не сакаме насилство против никого, а особено не против жените и децата, истакна Кучински. 

Тој претходно најави дека неговата Влада ќе побара „нови мерки, кои ќе им овозможат на жените да го пријавуваат насилството, бидејќи насилството цвета во ситуации во кои нападите не се пријавуваат, а ударите ги трпат во тишина, а така не треба да биде“.