Македонија
14. December 2017 - 12:55

Во Париз средба на Манчевски со албанската вицепремиерка Меси

Министерот за информатично општество и администрација Дамјан Манчевски во рамки на посетата на Париз се сретна со албанската вицепремиерка Сенида Меси.

На средбата беа отворени прашањата поврзани со реформите во јавната администрација на што во моментов работат двете држави. На состанокот беа разменети искуства, и беше заклучено дека и Македонија и Албанија имаат иста цел, а тоа е компетентна администрација, што ќе обезбеди ефикасни, брзи и поевтини услуги за граѓаните и бизнис секторот, соопшти Министерството за информатичко општество.

Се разговарало и за потребата од зголемување на транспарентноста во работењето на администрацијата, што ќе придонесе до намалување на корупцијата.

Манчевски ја покренал иницијативата за намалување на трошоците за роаминг помеѓу двете земји, како и за приклучување на Албанија кон регионалниот договор за намалување на цените на роамингот меѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Во овој дел постои можност за потпишување на меморандум за соработка, со што ќе се следи примерот со потпишување на меморандумот за роаминг помеѓу Македонија и Бугарија, се додава во соопштението од Министерството.

На состанокот се разговарало и за можноста за меѓусебно признавање на електронските потписи и печати помеѓу двете земји.