Свет
9. December 2019 - 8:26

Во Париз состанок за начините за решавање на украинската криза

Во Париз денеска ќе се одржи состанок за начините за решавање на украинската криза, со присуство на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, покрај претседателите на Украина и на Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин.

„Украинскиот претседател се соочува со голем тест на самитот со Путин во Париз, кога ќе го спроведе предизборното ветување за преговори за прекин на војната во југоисточна Украина“, нагласува „Гардијан“.

Зеленски и неговиот руски колега ќе се сретнат денеска заедно со европските лидери, на први разговори лице в лице откако украинскиот претседател, поранешен комичар, ја презеде функцијата во мај.

Средбата, на која ќе посредуваат француски и германски лидери, има за цел да ги оживее напорите за решавање на петгодишната конфронтација на Киев со проруските сили, кои држат делови од југоисточна Украина од 2014 година. Повеќе од 13.000 луѓе ги загубија животите во конфликтот, додека многумина се раселени.

Шефовите на двете земји не се сретнале од 2016 година, кога тогашниот претседател на Украина, Петро Порошенко разговараше со Путин.