Македонија
15. јуни 2017 - 16:14

Во Париз отворена изложба на дел од опусот на уметниците Омер Калеши и Тања Балаќ

Во Амбасадата на Република Македонија во Париз, синоќа беше отворена изложба на дел од опусот на уметниците Омер Калеши и Тања Балаќ насловена „1800 Келвини“, јави дописникот на МИА.

- Патувањето по патиштата на уметноста е секогаш возбудливо, на него можеш да сретнеш многу колеги и да се стекнеш со драги пријатели. На едно такво патување се сретнале Омер Kалеши и Тања Балаќ и тоа токму во Париз, центарот на уметноста, се вели во најавата за изложбата на двајцата македонски уметници.

Заеднички именител на Омер Калеши и Тања Балаќ и покрај фактот што припаѓаат на различни генерации и творат на две различни страни- во Париз и Скопје, е татковината - Република Македонија. И покрај различниот пристап кон делата кои ги творат, сепак централна фигура кај нив останува човекот и црвената боја како извор на светлина неопходна за сите артисти. Оттука и насловот на нивната „Изложба во Париз-1800 К“.

Иако се различни во пристапот на темата што ја обработуваат, кај нив централна фигура се човекот и црвената боја како извор на светлина по која трагаат сите уметници. Но, тие како да ја симнале светлината на Сонцето што ги греела во Македонија и ја насочиле низ призмата на Исак Њутн, па по прекршувањето на таа светлина, поточно од спектарот на бои, да ја изберат црвената боја која зрачи со топлина од 1.800 келвини за да ја пренесат во своите дела.

- Токму поради таа светлина, оваа изложба во Амбасадата на Република Македонија во Париз ја именувавме со „1.800 к“, истакна Тања Балаќ.

Омер Kалеши во својот богат творечки опус останува доследен на своите корени, концентрирајќи се на обичниот човек, сликајќи ја неговата глава, која го симболизира духот на човекот. Тој со големо внимание ги истражува карактеристиките на балканскиот фолклор, т.е. на балканскиот човек, при што секој лик има свое значење. Главите на Омер Kалеши се живи и тие живеат во просторот и времето на имагинарниот свет на сликата. Тие низ времето ја собрале мудроста и како да сакаат да ни го свртат вниманието кон бал-канската* (турски: бал-мед, кан- крв) историја во која се преплетуваат и медот и крвта. Тие се неми сведоци кои опоменуваат оваа приказна да не се повтори.

И во делата на Тања Балаќ централно место зазема човекот. Тоа може да се види и од последната инсталација „Раѓање на нацијата“, како и во нејзиниот циклус на дела каде што во преден план е човекот.

Изложбата ја отвори Габриел Атанасов од Амбасадата на Република Македонија во Париз во присуство на авторите и претседателот на културната асоцијација ИКОН, Климе Коробар.

Оваа културна промотивна активност во Париз е организирана во соработка на ИКОН со Амбасадата во Париз и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Француската јавност и дипломатскиот кор ќе имаа можност до 30 јуни да уживаат во делата на реномираните автори.