Македонија
12. April 2016 - 16:51

Во ОУ Братство во Карпош беше промовиран проект едукативен автобус за зголемена безбедност на децата во сообраќајот

Учениците од основно училиште „Братство“ во општина Карпош денеска беа во сообраќајна едукативна обиколка низ улиците на Скопје во рамки на активностите  за унапредување на безбедноста на децата во сообраќајот, преку проектот „Едукативен автобус“.

Проектот има за цел запознавање на децата со сообраќајната инфраструктура, сообраќајните правила и прописи, односно нивна едукација низ главните сообраќајници на градот.

Како што се наведува во соопштението на општината, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, изјави дека Карпош како локална самоуправа, секогаш учествувала во сите акции и проекти со кои се зголемувала безбедноста и сигурноста во сообраќајот.

-    Овој проект во кој се вклучени  учениците од прво и трето одделение од ОУ „Братство“ практично значи, уште од најмала возраст на децата, едукација за сообраќајната култура, правилата и прописите во сообраќајот. Тие на овој начин ќе се запознаат со сообраќајниот ред и тоа ќе може да им го пренесат на своите родители и членови на семејството, да ги почитуваат сообраќајните правила, се со цел децата како најзагрозена категорија во сообраќајот, односно како пешаци да бидат максимално заштитени, изјави Јакимовски.

Проектот е организиран од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Јавното претпријатие „Скопје“(ЈСП) и Автомото сојузот на Македонија (АМСМ),  кои  во соработка со општина Карпош континуирано спроведуваат проекти за подигнување на  степенот на безбедноста на граѓаните во сообраќајот.

Овој проект, ќе се реализира секоја недела, во вторник, со ученици од различни училишта од градот Скопје.