Македонија
1. August 2018 - 20:42

Во Отешево одбележан јубилејот 75 години од Преспанското советување

По повод 75 години од Преспанското советување и 115 години од Илинден, делегација на општина Ресен предводена од градоначалникот Живко Гошаревски, членови на Советот и претставници на општинскиот Сојуз на борците, попладнево положија цвеќе пред спомениците на Илинденците во селата Крушје и Царев Двор и пред споменикот на Преспанското советување во Отешево.

Преспанскиот состанок се одржал од 2 до 4 август 1943 година, во местото Ломје, а присуствувале воени раководители и членови на Покраинскиот комитет на ЦК КПЈ. На Состанокот, како што истакна градоначалникот пред присутните, била направена анализа за дотогашниот развој на НОБ во Македонија и пошироко. Донесени биле историски одлуки за натамошниот разгор на НОБ и биле разгледани прашањата за проширување на органите на народно-ослободителната власт.

- Една од посебните одлуки е решението да се започне со подготовките за одржувањето на Првото заедание на АСНОМ. Решено било и да се создадат воени единици како формација, способни да дејствуваат на цела територија на Македонија, со што на воен план било поврзано со југословенскиот фронт. Била истакната и потребата од натамошно зајакнување и афирмирање на главниот штаб на НОБ и партизанските одреди. Тоа беше признание дека на овие преспански простори се разгоруваше војната, создадена слободна територија со добро организирана заднинска активност. Тоа беше и признание за голем број истакнати борци од Преспа, воени команданти и раководители во НОБ, истакна Гошаревски.

Овој 75 годишен јубилеј се совпаѓа со одбележувањето на 115 години од Првиот Илинден и 74 години од Вториот Илинден – првото заседание на АСНОМ. Илинденската кауза за државност и човекови права беше и духот на народот во НОБ. Илинденското востание заврши со пораз, но, како што заклучи Гошаревски, победи македонскиот дух, свеста на македонскиот роб, кој му порача на светот дека неговата борба за слобода е и борба за негова посебност. Она за што се бореа Македонците се оствари четири децении подоцна на Првото заседание на АСНОМ, со создавање на македонската држава.

- Илинден не е ни час ни ден, ни година. Илинден е вечност, без што неможеме. Тој е празник на душата на Македонецот, ден за незаборав. Ниту една ослободителна борба на кој било народ не познава толку многу саможртви, како македонската. Македонија вакви херојства има многу. На некои им се знаат гробовите, на многу им се заборавени имињата. Доста од нив сеуште ги воспева народот, ги носи во душата. И едните и другите и третите, големи македонски синови секогаш ќе останат вечни и незаборавни, рече Гошаревски.

Македонскиот народ, додаде тој, го оствари најголемиот сон да има своја држава, за која треба да се ангажираме да ја направиме уште подобра и упати порака за поддршка на референдумското изјаснување за Договорот од Преспа.

- Да ги поддржиме напорите и ангажирањата на државата да се искористи историската шанса да се реши деценискиот спор околу името и да се отворат патиштата за влез на земјата во евроатланските интеграции, со што би се остварил сонот на доста генерации, да се отвори патот за безбедност на државата и граѓаните и нејзиниот побрз економски и општествен развој. Одбележувајки ги овие големи историски настани е уште една можност да ја сфатиме нивната величенственост. Да се потсетиме дека се што сме постигнале е дело и на луѓето што крвареа и гинеа на македонските чукари. Овие настани се нашата судбина, нашето постоење, реалност по кое не препознава светот, истакна градоначалникот Гошаревски.