Македонија
7. August 2016 - 19:53

Во Општина Кисела Вода се санираат последиците од синоќешното невреме

Општина Кисела Вода интензивно работи на расчистување на теренот по големото невреме што го зафати Скопје и кое предизвика поплави.

Се интервенира со потребна механизација на сите локации каде се забележани последици од силните врнежи на дожд, силните електрични празнења и ветерот со голема брзина. 

- Со цел што повеќе да се намалат штетите и последиците од оваа елементарна непогода, од синоќа на терен се екипи од сите сектори од општината предводени од градоначалничката Билјана Беличанец-Алексиќ, информира општина Кисела Вода.

Оттаму информираат дека се преземаат активности за санација и превенција од евентуални нови обилни врнежи. На терен е излезена Комисија за проценки на штети која врши увид и прави записник за поголемите проблеми кои ги предизвика оваа елементарна непогода. Сите месни и урбани заедници се отворени и ќе останат отворени во текот на ноќта и утре. Тимовите од кризниот штаб на општина Кисела Вода остануваат на терен се до комплетно стабилизирање на состојбата.

Општина Кисела Вода информира дека во координација со службите на Град Скопје, сите јавни претпријатија, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ЕВН, Бригадата за противпожарна заштита, Итната медицинска помош и пајак службата ги користат сите расположливи средства за да им помогнат на граѓаните.