Македонија
11. September 2015 - 20:52

Во Охрид заокружена работилницата на УСАИД за обука за адвокати - обучувачи

Дваесет и седум адвокати од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово учествуваа на петдневната работилница за развој на наставна програма организирана од Балканската регионална мрежа за владеење на правото (БРМВП) што со поддршка од УСАИД и од Мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржуваше во Охрид.

Тие на оваа обука се здобија со знаење како да развијат и потоа да обучат други свои колеги на речиси било која тема, притоа осмислувајќи конкретен курс за првично апсење и притвор пред судење што понатаму ќе можат да го предаваат неспоредно, како и онлајн во нивните земји (преку интернет страницата на БРМВП).

Директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн и Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора на Република Македонија, во завршното обраќање пред учесниците на обуката ја нагласија улогата на адвокатите, охрабрувајќи ги да ја преземат водечката улога во развојот на интерактивна, практична наставна програма базирана на вештини.

- Образовните традиции во овој регион го нагласуваат теоретскиот пристап кон учењето, но за да се биде ефективен на суд неопходно е да се научат практични вештини преку вистински предмети, вистински факти и вистински клиенти, рече директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија.

Проектот Балканската регионална мрежа за владеење на правото гради механизми за соработка и споделување на најдобрите практики, алатки и знаења помеѓу адвокатските комори во регионот и граѓанските организации во областа на правото. Од 2014 година во рамки на проектот БРМВП создадена е мрежа од околу 50 членки од регионот, вклучувајќи адвокатски комори, адвокати, граѓански организации и новинари, кои се состануваа за да ги разгледаат проблемите и проектите во клучните области како образованието, правната помош, капацитетите на адвокатските комори, реформата на кривичното право и медиумите.

Оваа година БРМВП на адвокатските комори и на граѓанските организации им даде дотации за поддршка на проекти развиени од овие работни групи. Во март годинава конференцијата на Мрежата за раководителите на адвокатските комори од регионот кулминираше со потпишување на меморандум за разбирање помеѓу коморите од регионот. Во април беше покрената интернет- страница (www.brrln.org) за виртуелно порвзување на членовите на мрежата, со што им е овозможено да споделуваат ресурси. Оваа есен предвидено е во рамки на проектот БРМВП да се поддржи регионалната размена на искуства и учење едни од други помеѓу членките на БРМВП во областите на спогодување, капацитетите на адвокатските комори и одбраната на воените злосторства.

Според податоците на УСАИД, Агенцијата од 1993 година кога востанови своја Мисија во Македонија досега има инвестирано преку 500 милиони долари, во проекти насочени кон отворање нови работни места за граѓаните на Македонија, за зајакнување на демократските институции и практики, подобрување на интегрираното образование и подготвки на студентите за работа. УСАИД со средства на американските даночни обврзници обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од сто земји во светот.