Спорт плус
7. September 2019 - 13:24

Во Охрид утре ќе се одржи 33. Меѓународен традиционален атлетски маратон

 По повод празникот на независноста утре долж источното крајбрежје на Охридското Езеро 33-ти пат ќе се одржи Меѓународниот охридски атлетски маратон.

Стартот на трката е во 09:00 часот, а ќе се трчаат 30 километри од стартот кај Свети Наум до целта поставена на Кејот на езерото во Охрид. Станува збор за еден од најстарите маратони во земјата, за кој учество најавија некаде околу 150 маратонци со тоа што пријавувањето уште трае. Повеќето од нив веќе се во Охрид е се аклиматизираат и подготвуваат за трката, што е доста тешка поради тоа што се трча по угорнини и надолнини.

Оваа година покрај традиционалната, вљубеници во трчањето можат да се пријават и на штафетна трка во три делници од по десет километри. Првата делница завршува во село Трпејца, втората делница завршува во населба Лагадин и третата делница завршува на целта.

Првпат маратонот се одржа во 1976 година, а во континуитет се организираше до 1993 година на 7 ноември по повод ослободувањето на градот Охрид. После десет години пауза во 2004 година, на иницијатива на сегашниот одбор маратонот беше возобновен и со исклучок на 2011, се одржува секоја година, собирајќи ја во Охрид регионалната атлетска елита.

Рекордер на трката со пет победи е Живко Стојчески, додека маратонец со најмногу 18 учества е Славко Симоноски. Во машка конкуренција рекордер на патеката е Кениецот Абел Кибет Роп (1.34.58) додека во женска конкуренција најдобро време има постигнато неговата сонародничка Ребека Џепширшир (1.48.12). И двата рекорди беа постигнати на трката во 2015 година.

Здружението „Охридски атлетски маратон 2012“, што го организира маратонот и оваа година со забелешки за слабата поддршка на институциите за манифестацијата.

-Како претседател на здружението најавувам дека овој маратон ќе биде последен организиран од наша страна. Можеби организацијата ќе ја преземе Атлетскиот клуб Охрид, ние немаме веќе сила и ставаме точка. Не се потребни големи финансии, но ние сите ресурси од спонзори ги исцрпивме, а не добиваме помош од градот и властите, изјави претседателот на Здружението Пецо Неданов.