Македонија
19. October 2016 - 14:19

Во Охрид се одржува Петтиот конгрес на еколозите на Македонија

Неколку стотини експерти од областа на екологијата, научни работници и активисти за заштита на животната средина учествуваат во работата на Петтиот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество што во организација на  Македонското еколошко друштво од денеска се одржува во Охрид.

Во рамки на конгресот ќе бидат презентирани над 270 научни трудови со резултати од спроведени истражувања во целиот регион, реализирани со цел подобрување на животната средина, екологијата воопшто, заштитата на природата и биолошката разновидност.

Славчо Христовски од организацискиот одбор на Конгресот истакна дека бројни се предизвиците во областа на екологијата во Македонија, со забелешкано истите важат и за сите други држави и глобално.

- Кога станува збор за Македонија постои сериозно загрозување на природата и биолошката разновидност. Човекот не е директно засегнат од тоа и затоа сме малку подалеку од тие теми, но сепак тоа е горлив проблем на кој мора да се обрне внимание, истакна  тој посочувајќи ги тука и актуелните теми за загадувањето на почвата, водата, воздухот, нерационалното искористување на природните ресурси.

Најавено е дека од собирот на еколозите ќе бидат испратени конкретни пораки и предлози до надлежните институции за спроведување активности во насока на заштитата на животната средина поткрепени со соодветна научна документација. Но еколозите забележуваат дека досегашните нивни искуства укажуваат на слаб интерес за такви активности иако постои иницијална согласност за спроведување проекти за заштита на животната средина.

- Почетен интерес кај институциите постои, но со тек на време ентузијазмот некако слабее и спроведените активности како што сме и самите сведоци, не ги даваат посакуваните резултати, забележа Христовски.

В сабота во рамки на состанокот ќе се одржи сесијата од областа на хидробиологијата односно темите за заштитата на водните ресурси, на која ќе бидат презентирани и трудовите и истражувањата што ги обработуваат водните еко-системи во земјата и пошироко во регионот.