Македонија
18. July 2019 - 11:06

Во Охрид регионална школа за човекови права и помирување на Хелсиншкиот комитет за човекови права

Хелсиншкиот комитет за човекови права во Охрид ја одржува третата по ред Регионална школа за човекови права и помирување „Предизвикај го минатото – Реагирај за иднината“, на која учествуваат триесеттина учесници од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

Урaнија Пировска, извршна директорка на Комитетот, пред учесниците на собирот се осврна на поновата историја на регионот и контекстот на помирување по распадот на поранешната заедничка државна заедница Југославија. Таа стави акцент на Охридскиот рамковен договор и значењето на етничкото помирување во државите од западниот Балкан во контекст на евроинтеграциските аспирации на регионот. Помирувањето беше адресирано и како предуслов за ставање крај на дискриминацијата и говорот и делата од омраза на етничка основа.

Бојан Маричиќ, специјален советник на премиерот за евроатлански интеграции и шеф на техничкиот преговарачки тим со Европската Унија, одржа предавање за процесот на преговарање и потпишување на Преспанскиот договор, како позитивен пример за помирување и градење добрососедски односи во регионот. Тој истакна дека првиот и најважен чекор во преговорите за помирување мора да биде дефинирање на приоритетите и поставување на рамка на вредности.

– За нас тоа беше зачувување на идентитетот, за Грција беше одржливо решение кое ќе биде универзално применето, рече тој.

Во рамки на петдневниот собир во Охрид предвидени се сесии во чии рамки учесниците ќе имаат можност да ги проследат предавањата на еминентни експерти во полето, меѓу кои Ирена Цветковиќ, Љубомир Фрчкоски, поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, членови на бугарско-македонската комисија за историски и образовни прашања и други.

Проектот „Предизвикај го минатото – Реагирај за иднината“ е регионална иницијатива имплементирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права, српскиот Хелсиншки комитет, швајцарскот Хелсиншки комитет, Центарот за мир и толеранција во Косово, „Democracy +“ од Косово, Гимназијата „Слободан Скерович“ од Црна Гора, Музејот на воено детство од Босна, „forumZFDод“ Скопје и „United World College“ од Мостар. Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје, Швајцарското министерство за одбрана, Western Balkan Fund и Фондацијата „Фридрих Еберт“.